Екраните на допир веќе се стара тема. Сте се запрашале ли што е следното во светот на интерфејсите? Се разбира, холограми!
Холограмите се кул, тука нема што да се зборува. Замислете си уште дека можете да ги допрете? Ваквата технологија уште пред 2 години беше развиена од страна на Универзитетот во Токио. Нивниот тактилен холограм се состои од два дела: самиот холограм, кој е всушност LCD проектор кој проектира во конкавно огледало, и нова технологија која создава ултразвучни бранови.
Ваквата ултразвучна технологија користи ултразвук со ниска енергија за да создаде т.н. „полиња на притисок“, нешто слично како што е случајот со издувавување на воздух. Разликата е во тоа што млазевите воздух губат на сила колку повеќе се одалечуваат од изворот, а ултразвучните бранови можат да се снајдат и во затворен, локализиран простор. Со тоа се овозможува симулација на форма на 3D објект.
На видеото подоле можете да видите како ова функционира. За оние што не им оди англискиот, како што веќе реков, сликата што „лебди“ во воздух е направена со помош на LCD проектор кој проектира во конкавно огледало. Движењето на раката се детектира со помош на Wiimote, односно управувачот на Nintendo Wii. На врвот е поставен т.н. „воздушен ултразвучен тактилен дисплеј“, кој всушност го дава чувството дека нешто пипате, ви паѓа, или пак оди по дланката.
Ваквите холограми несомнено можат да најдат голема примена, како за озбилни работи (во медицина), така и во секојдневни работи каде и не се потребни, како на пример палење сијалица. Ако скролате во коментарите под видеото, повеќето се возбудени за тоа каков ефект ќе има ваквата технологија врз порно индустријата. Останува да се види, изгледа дека сепак холограмите ќе ги дочекаме во нашиот животен век.
Автор: Маневски Марко
No comments:
Post a Comment